Белгискиот крал повика на преземање одговорност и надминување на разликите околу буџетот
- Кралот на Белгија, Филип на средба со белгискиот премиер Барт де Вевер ги повикува сите вклучени страни да преземат одговорност и да ги надминат своите разлики, со цел што е можно поскоро земјата да добие јасен буџетски пат за наредните години, соопшти Кралската палата.
Брисел, 6 ноември 2025 (МИА) – Кралот на Белгија, Филип на средба со белгискиот премиер Барт де Вевер ги повикува сите вклучени страни да преземат одговорност и да ги надминат своите разлики, со цел што е можно поскоро земјата да добие јасен буџетски пат за наредните години, соопшти Кралската палата.
- Премиерот го информираше кралот дека во неговата Влада постојат континуирани несогласувања околу буџетот, но дека коалициските партнери сакаат да продолжат со работата, се наведува во соопштението објавено по денешната средба меѓу кралот Филип и премиерот Де Вевер.
Во соопштението не се наведува дека кралот поставил некаков краен рок за постигнување договор за буџетските трошоци.
По средбата, Де Вевер се обрати пред пратениците во белгискиот Парламент, при што нагласи дека од кралот побарал да му даде уште 50 дена, до Божиќ (25 декември), за да обезбеди договор за буџетот.
- Тој краен рок нема да биде продолжен, изјави Де Вевер, кој минатата недела се закани дека ќе поднесе оставка доколку договор за буџетот не биде постигнат до денеска.
Претходно, белгиските медиуми објавија дека Де Вевер најавил дека ако до Божиќ не биде постигнат договор, тој ќе поднесе оставка на премиерската функција.
Во обраќањето пред Парламентот, Де Вевер се обрати и директно до своите коалициски партнери, барајќи од нив „да преземат одговорност“.
- Усвојувањето на буџетот е тешко. Ќе мора да се издигнеме над себеси за да покажеме дека се уште можно доброто владеење. Утрешниот просперитет започнува со денешната храброст, порача Де Вевер.
Пред средбата меѓу кралот и Де Вевер, белгискиот вицепремиер и министер за буџет Винсент ван Петегем изјави дека на сите им е јасно оти мора да продолжат да работат на постигнување компромис за буџетот.
- Мора да ги направиме потребните напори. Ќе мора да продолжиме да работиме за постигнување на избалансиран буџет за следните на неколку години. Сите треба да ја преземат својата одговорност за да се договориме за избалансирани и фер пакет мерки, рече Ван Петегем.
Главен спор околу буџетот е како да се изнајде начин за обезбедување дополнителни буџетски приходи од 10 милијарди евра до 2030 година, а при тоа да не се намалат дополнително трошоците за социјални давачки на што особено инсистираат синдикатите.
Во врска со ќорсокакот околу усвојувањето на буџетот се огласи и лидерот на Генералната федерација на трудот на Белгија (ФГТБ/АБВВ), Берт Енгелар, која ја повика Владата „конечно сериозно да ги сфати буџетските проблеми и грижите на луѓето“.
- Поважно беше да се следи пристигнувањето на Ф-35-ките и да се патува во Египет, отколку искрено и отворено да се анализираат финансиите, рече Енгелар, алудирајќи на присуството на Де Вевер на свеченоста по повод отворањето на Археолошкиот музеј во Каиро, што се одржа изминатиов викенд.
Според Енгелар, мерките на Владата придонеле за губење на куповната моќ на граѓаните и за намалување на средствата за здравствена заштита.
Тој смета дека наместо со кратење на социјалните бенефиции, дополнителни приходи можат да се обезбедат и преку намалување на субвенциите и даночните ослободувања за бизнисите и со поефикасна наплата во корпоративниот данок.
- Секој, вклучително и најбогатите, треба да дадат свој фер придонес за тоа, изјави Енгелар. сп/ми/
Фото: МИА Архива